Ердоган: снимките од „разговорот“ со мојот син се лажни
Кабинетот на турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган синоќа соопшти дека снимките што се појавија на интернет и за кои се тврди дека претставуваат разговор меѓу шефот на турската Влада и неговиот син, се лажни.

Снимките од разговорот кој посочува на корупција во Владата, се појавија откако беше објавено дека турската полиција прислушувала најмалку 7.000 луѓе, меѓу кои и премиерот Ердоган, членови на неговиот Кабинет, шефот на разузнавачката служба на Турција и новинари.
Во наведената снимка двајца мажи за кои се тврди дека се Ердоган и неговиот син разговараат за тоа како да се ослободат од голема сума на пари од нивната куќа. Разговорот наводно бил воден на 17 декември, на денот кога започна полициската антикорупциска акција, при која беа приведени поголем број лица блиски до Владата на Ердоган, меѓу кои и синови на тројца министри.
- Оваа снимка е неморална, лажна и целосно невистинита, нагласи кабинетот на Ердога, најавувајќи дека премиерот во врска со ова ќе покрене „законска постапка“.
Турските провладини весници „Јенисафак“ и „Стар“ вчера објавија дека полицајци приврзаници на Фетулах Ѓулен, турски имам кој живее во САД, цели три години ги прислушувале телефоните на турскиот премиер, како и на бројни политичари и бизнисмени .
Ердоган ги обвинува противниците од влијателната група на Ѓулен дека се однесуваат како „држава во држава“, со цел соборување на неговата Влада со поттикнување голема корупциска истрага против негови блиски соработници.
Документите за шпионирање, ги откри новоименуваното Обвинителство што е воспоставено по масовните смени во полицијата и обвинителството што ги спроведе Владата како одговор на корупциската истрага од декември минатата година.
Корупцискиот скандал, во кој се вмешани блиски соработници на турскиот премиер, претставува еден од најсериозните предизвици во 11-годишното владеење на Ердоган, во пресрет на локалните избори во март.
