Засипкин: Да се собори секоја американска ракета
Пропаднаа трите обиди во Советот за безбедност на светската организација во Њујорк да се изгласа резолуција за истрагата на хемиските напади во Сирија. Русија предупреди дека секоја истрелана ракета кон Сирија ќе биде соборена, додека САД со сојузниците најавуваат воен одговор...

Рускиот амбасадор во Либан, Александер Засипкин, изјави дека секоја американска ракета што ќе биде упатена кон Сирија би требало да биде соборена, а местата од каде ќе бидат лансирани треба да се нападат. Додаде дека евентуални ракетни напади врз Сирија ќе предизвикаат сериозна ескалација на состојбата.
Медиумите пренесуваат дека изјавата на Засипкин е во согласност со ставовите на рускиот претседател Путин и со највисокото раководство во Москва. Претходно, Советот за безбедност на ОН не успеа да усвои резолуција за наводната употреба на хемиско оружје во Сирија. САД и сојузниците размислуваат за преземање воени акции. Шефот на Белата куќа Доналд Трамп ги откажа посетите во Перу и Колумбија за да го координира одговорот за Сирија.
„Родителите ме учеа да гледам добро во сите. Се обидувам да најдам што е добро во Русија. Мислам дека се добри во нивната доследност и во играње игри“, изјави Ники Хејли, амбасадор на САД во ООН.
„Амбасадорката вели дека не се усвои руската резолуција само зашто е руска. Тоа ни разјаснува се. Велите дека играме игри, не знам, не сум сигурен. Но сигурен сум дека се заканувате. Треба да сме загрижени поради заканите во однос на Сирија, зашто може да се соочиме со сериозни настани наскоро. Уште еднаш барам од вас да се воздржите од плановите кои ги подготвувате за Сирија“, рече Василиј Небензја, руски амбасадор во ООН.
Британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон рече дека Русија го држи народот на Сирија во заложништво со одбивањето на нацрт- резолуцијата на ОН чија цел би било утврдување одговорност за наводните хемиски напади во Сирија.
Ситуацијата на Блискиот Исток е крајно тензична откако американските власти најавија одмазда по хемискиот напад против цивилното население за кој што тврдат дека го извел режимот на сирискиот претседател Асад.
Поранешниот британски премиер Тони Блер ги поддржа повиците за воена интервенција во Сирија. Изјави дека Тереза Меј треба „да го заобиколи“ Парламентот при донесувањето одлука за акција против Асад и предупреди дека непреземањето акција против сириските власти и нивните сојузници, само ќе ги охрабри да прават нови злосторства и додаде дека британската влада треба да ги поддржи САД.
Марина Ристова
