Закерберг: „Фејсбук“ е во вооружена трка против групи спонзорирани од Русија
Извршниот директор на „Фејсбук“ Марк Закерберг призна дека не успеал да го зашити корисниците на социјалната мрежа и компанијата. Пред американските конгресмени, интернет- магнатот го повтори извинувањето поради проблемите со приватноста на податоците и странските обиди за влијание врз изборите во САД. Скандалот со „Кембриџ Аналитика“ му донесе загуба на берзата, но сослушувањето го зголеми профитот на „Фејсбук“.

„Фејсбук“ е во вооружена трка против групи спонзорирани од Русија, изјави основачот на социјалната мрежа Марк Закерберг. Сведочењето во одборот на Сенатот коешто се прогнозираше дека ќе биде голем судир меѓу Силициумската долина и Капитол хил, мина во смирен тон, пред сѐ поради тоа што образложенијата на 33-годишниот интернет магнат беа недоволно јасни за поголемиот дел од американските законодавци коишто се аналфабети во областа на функционирањето на социјалните мрежи и технологијата од 21-ви век.
Сенаторите ја обвинуваат компанијата за посредство во политички манипулации, а сомнежите кулминираа по скандалот со фирмата „Кембриџ Аналитика“ којашто собрала податоци од речиси 87 милиони корисници за да изготви психолошки профили и да влијае врз гласачите на претседателските избори во 2016-та година.
Закерберг планира да вработи над 20 илјади луѓе до крајот на годинава ќе бидат ангажирани за отстранување на вакви појави во иднина. Нагласи дека компанијата не продавала податоци и не била средство за следење на луѓе на интернет.
„Не ја проценивме добро нашата одговорност и тоа беше голема грешка. Очигледно е дека не сме направиле доволно за да спречиме злоупотреба на тие алатки. Најважно е да се осигуриме дека никој нема да се меша во изборите годинава. Имаме конгресни избори, има избори во Индија, Бразил Мексико, Пакистан, Унгарија“, рече Закерберг.
Закерберг изрази подготвеност да соработува со конгресмените за натамошното законско регулирање на социјалните медиуми, доколку биде соодветно срочено.
Откако скандалот со „Кембриџ Аналитика“ му донесе загуба на берзата, сослушувањето пред Конгресот повторно го зголеми профитот на „Фејсбук“.
Маја Филдишев
