Интерпелација за работата на Владата
За само 10 месеци направени сериозни пропусти на внатрешен и на надворешен план. Владата се води од партиските и личните интереси, рече координаторот на пратеничката група Данев. Интерпелацијата е заснована на невистини, без факти и аргументи, туку со партиски флоскули за дневно- политички цели, возврати координаторот на СДСМ, Тунтев...

ВМРО-ДПМНЕ го прекина четири месечниот бојкот и се врати во Собранието. Поднесе барање за гласање доверба на Владата. За само 10 месеци направени сериозни пропусти на внатрешен и на надворешен план.
Владата се води од партиските и личните интереси, рече координаторот на пратеничката група Данев. Обвини дека Владата наместо да се зафати со решавање на реалните проблеми на граѓаните, работи само на одржување на владината коалиција и сопствените интереси. Според Данев, Владата предводена од СДСМ и ДУИ ги крши законите и Уставот, а како доказ за тоа го посочи носењето на Законот за јазиците. Рече дека тотален колапс доживеал и планот „3-6-9“, судството е заробено и извршено е нагло партизирање на институциите и бркање од работа на професионалци и нивно деградирање.
Интерпелацијата е заснована на невистини, без факти и аргументи, туку со партиски флоскули за дневно- политички цели, возврати координаторот на СДСМ, Тунтев.
Според него, образложението од ВМРО- ДПМНЕ изобилува со паушални и невистинити констатации, не е поткрепена со објективни и мерливи критериуми и не постои критика за министрите од ДУИ, туку само за министрите од СДСМ.
По завршувањето на расправата на пратениците, се очекува да се обрати претседателот на Владата Зоран Заев.
