Иванов на средба со вселенскиот патријарх Вартоломеј
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов е во Турција. Учествува на дводневниот Евроазиски самит...

Претседателот Иванов имаше едночасовната среда со патријархот Вартоломеј. Ги поздрави неговите активности и напорите за обезбедување поголемо единство во православната екумена и за помирување на христијанството со другите религии.
Двајцата соговорници разговараа за статусот на Македонската православна црква - Охридска Архиепископија. Иванов истакнал дека МПЦ-ОА е жива црква, а вселенскиот патријарх изрази надеж дека прашањето ќе се реши.
Иванов го покани патријархот да ја посети Македонија, за илјада годишнината од формирањето на Охридската Архиепископија. Иванов ја посети и црквата Свети Ѓорѓи, каде што се наоѓа и дел од столбот на којшто бил камшикуван Исус Христос пред да биде распнат на крст.
Претседателот Иванов во Истанбул учествува на 21-от евроазиски економски самит, организиран од фондацијата „Мармара“. Посетата на Турција, шефот на државава ја почна со средба со неговата светост, севселенскиот патријарх Вартоломеј.
Турција повторно ги спои Европа и Азија. На самитот во Истанбул учествуваат претседатели, високи владини претставници, амбасадори, градоначалници, бизнисмени. Се дискутираат важни теми од политиката, технологијата, енергетиката, се разговара за иднината со младите генерации, за паметни градови.
Иванов има свое обраќање на отворањето на Самитот и на претседателската сесија на тема: Дилемата на нашиот век: технологија наспроти политика.
Мартин Пушевски, специјален известувач од Истанбул за МРТ
