Интерпелација на Владата

ВМРО-ДПМНЕ обвинува за погубни политики, за СДСМ интерпелацијата е очаен обид на опозицијата

11.04.2018 14:48

ВМРО- ДПМНЕ го прекина 4- месечниот бојкот и се врати во Собранието. Поднесе барање за гласање доверба на Владата. За само 10 месеци направени сериозни пропусти на внатрешен и на надворешен план. Владата се води од партиските и личните интереси, рече координаторот на пратеничката група, Данев. Интерпелација е заснована на невистини, без факти и аргументи, туку со партиски флоскули за дневно- политички цели, возврати координаторот на СДСМ, Тунтев...

ВМРО-ДПМНЕ се врати во Собранието со интерпелација за работата на Владата. Опозициската партија го прекинува 4- месечниот бојкот. На тапет премиерот Заев и сите министри. За само 10 месеци се направени сериозни пропусти на внатрешен и нанадворешен план, рече координаторот на пратеничката група Драган Данев. Нема реформи, економски пустош и осиромашени граѓани. Државата се задолжи за нови 1,5 милијарди евра, нема инвестиции и раст на БДП.

На надворешен план- асиметричен договор со соседна Бугарија, соло акција во преговорите за името на Република Македонија, кршењето на Уставот, законите и собранискиот деловник стана редовна практика, посочи Данев од собраниската говорница. Планот 3-6-9 доживеа колапс. Ова значително ќе влијае во уназадувањето во евроинтегративните процеси, смета шефот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Оваа интерпелација е големо разочарување и е очаен обид за да се најде оправдување ВМРО-ДПМНЕ да се врати во Собранието, возвратија од СДСМ. Опозицијата требаше да се врати на голема врата за да дискутира за пакетот реформски закони. Според координаторот на пратеничката група на СДСМ, Македонија ќе добие безусловен и позитивен извештај од Европската комисија. Интерпелацијата, додаде Тунтев, е заснована на невистини, лаги и манипулации, без факти и аргументи, туку со партиски флоскули за дневно- политички цели. Се осврна и на 10- годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, во кое како што рече, правосудниот систем беше руиниран, се одлучуваше според партиските директиви.

Според најавите, 5-те пратеници на БЕСА од крилата на Билал Касами и на Африм Гаши, нема да ја поддржат иницијативата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. На иста линија и Алијансата на Албанците.

На крајот од дебатата, премиерот Заев има право да одговори на забелешките. Се гласа на полноќ. За да биде изгласана недоверба на Владата, потребен е најмалку 61 пратенички глас.

 

Милчо Велески