Светска банка

Позитивни прогнози, економијата закрепнува

11.04.2018 15:19

Македонската економија закрепнува, по минатогодишната стагнација. Во 2018-та Светска банка прогнозира раст предводен од потрошувачката и закрепнувањето на инвестициите. Препорачуваат зголемување на приходите и подобро менаџирање на расходната страна, преку ефикасна наплата на даноците. Податоците на Обединетите нации покажуваат дека 25 проценти од граѓаните се иселени од државата...

Економијата почна да закрепнува, Светската банка со позитивни прогнози за раст во 2018- та. Економското влијание на политичката криза беше подолго од очекуваното, лани е регистрирано големо намалување на инвестициите и нула раст - стои во извештајот, годинава се очекува придвижување предводено од потрошувачката и враќање на довербата кај инвеститорите.

„Во четвртиот квартал од минатата година се забележува постепено мало закрепнување во преработувачката индустрија, што секако е позитивен тренд. Би напоменал дека овој тренд го гледаме и во првите месеци од 2018-та година, што упатува на можност за позабрзан раст“, изјави изјави Бојан Шимбов, економист во канцеларијата на Светска банка во Македонија.

Светската банка препорачува континуирани заложби на фискалната консолидација, да се подобри управувањето со јавни финансии и инвестиции, квалитетот и ефикансоста на социјалните трошења, да се воведат нови даночни реформи. Со став дека Македонија заедно со Албанија и Косово, се земји со најниски приходи, а рамниот данок е една од причините, светските банкари го подржуваат најавеното прогресивно оданочување, дискутабилен е прагот.

„Министерство за финанасии оди во правилна насока, имајќи ги предвид податоците за приходите денес, но прагот треба дополнително да се разгледа. вкупните приходи се со низок процент на учество во домашниот бруто- производ. Рамниот данок има предности и неповолности, и е поголемо оптоварување за сиромашните“, вели Марко Мантованели, директор на Канцеларијата на Светска Банка во Македонија.

Растотот во регионот е ранлив од домашните и надворешните шокови. За граѓаните да го достигнат европскиот просек, економиите на земјите од Западен Балкан во следните две децении треба да имаат економски раст на ниво од пет проценти, велат вашингтонските банкари.

„Земјите од Западен Балкан мора да достигнат раст на ниво од пет проценти за да можат за 20 години граѓаните да го имаат просекот на граѓаните од Западна ЕвропаДоколку останат на сегашното ниво, ќе им требаат шест децении“, изјави Линда Ван Гелдер, регионален директор за Западен Балкан од Светска Банка.

 Во извештајот за Западен Балкан стои- растот на БДП е намален од 3,1 насто во 2016-та на 2,4 проценти лани под притисок на острата зима и намелените инвестиции. Иселувањето на високообразовани кадри е еден од предизвиците за регионот- велат од Светската банка. Од Косово и Босна и Херцеговина се иселиле 50 насто од популацијата, од Македонија емигрирало 25 проценти од населението.

Сузана Фиданска- Стоевска