Сирија

Трамп: Русија да се подготви за ракети

11.04.2018 15:28

Пропаднаа трите обиди во Советот за безбедност на светската организација во Њујорк да се изгласа резолуција за истрагата на хемиските напади во Сирија. Русија предупреди дека секоја истрелана ракета кон Сирија ќе биде соборена, а претседателот Трамп, преку „Твитер“ најави нови паметни ракети. Во меѓувреме, авио компаниите ги пренасочуваат летовите кон источниот медитеран...

Американскиот претседател Трамп на „Твитер“ ѝ порача на Русија да се подготви за нови, убави и паметни ракети во Сирија. Понатаму напиша дека односот меѓу Америка и Русија е полош од кога и да било, дури и во споредба со времето на Студената војна.

Претходно рускиот амбасадор во Либан, Александер Засипкин, изјави дека секоја американска ракета што ќе биде упатена кон Сирија би требало да биде соборена, а местата од каде ќе бидат лансирани треба да се нападат.

Советот за безбедност на ОН не успеа да усвои резолуција за наводната употреба на хемиско оружје во сирија.

„Родителите ме учеа да гледам добро во сите. Се обидувам да најдам што е добро во Русија. Мислам дека се добри во нивната доследност и во играње игри“, изјави Ники Хејли, амбасадор на САД во ООН.

„Амбасадорката вели дека не се усвои руската резолуција само зашто е руска. Тоа ни разјаснува се. Велите дека играме игри, не знам, не сум сигурен. Но сигурен сум дека се заканувате. Треба да сме загрижени поради заканите во однос на Сирија, зашто може да се соочиме со сериозни настани наскоро. Уште еднаш барам од вас да се воздржите од плановите кои ги подготвувате за Сирија“, рече Василиј Небензја, руски амбасадор во ООН.

Британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон рече дека Русија го држи народот на Сирија во заложништво со одбивањето на нацрт- резолуцијата на ОН чија цел би било утврдување  одговорност за наводните хемиски напади во Сирија. Ситуацијата на Блискиот Исток е крајно тензична откако американските власти најавија одмазда по хемискиот напад против цивилното население за кој што тврдат дека го извел режимот на сирискиот претседател Асад.

Поранешниот британски премиер Тони Блер ги поддржа повиците за воена интервенција во Сирија. Изјави дека Тереза Меј треба „да го заобиколи“ Парламентот при донесувањето одлука за акција против Асад и предупреди дека непреземањето акција против сириските власти и нивните сојузници, само ќе ги охрабри да прават нови  злосторства и додаде дека Британската влада треба да ги поддржи САД.

Во меѓувреме некои авиокомпании почнаа да ги пренасочуваат летовите по предупредувањето од Паневропската агенција за внимание во источното средоземие поради можни воздушни напади во Сирија.

Марина Ристова