Иванов: Потребно ни е образование кое ќе создава луѓе за третиот милениум
Потребно ни е образование кое ќе создава луѓе за третиот милениум- порача претседателот Иванов на отворањето на 21-от Евроазиски самит во Истанбул. Македонскиот претседател оствари средба со вселенскиот патријарх Вартоломеј. „Македонската Православна црква- Охридска Архиепископија е жива црква“- изразена надеж дека ќе се реши прашањето за прием во православната екумена...

„Сакаме да бидеме дел од новите проекти за развој на човековиот капитал. Преку интернетот и современите технологии, знаењето од целиот свет ни е на дофат. Потребно ни е образвоание кое ќе создава луѓе за третиот милениум“- ова го порача претседателот Иванов во своето обраќање на отворањето на 21-от Евроазиски самит, организиран од фондацијата „Мармара“.
„Како претседател на Република Македонија секогаш ми е привилегија да го споделувам македонскиот светоглед, но истовремено да ги земам предвид советите на лидерите кои не се активно вклучени во политиката, а кои со нас ја споделуваат својата мудрост, идеи и искуство. Сето ова го правиме имајќи ги на ум младите генерации, оние кои треба да дојдат после нас. Да не губиме од предвид додека зборуваме за предизвиците на 21-от век, веќе се раѓаат деца кои ќе го доживеат и живеат 22-от век“, рече претседателот Иванов.
На Евроазискиот самит се дискутираат важни теми од политиката, технологијата, енергетиката, се разговара за иднината со младите генерации, за паметни градови.
Претседателот Иванов во Истанбул учествува на 21-от Евроазиски економски самит, организиран од фондацијата „Мармара“. Посетата на Турција, шефот на државата ја почна со средба со неговата светост, севселенскиот патријарх Вартоломеј.
Иванов на патријархот Вартоломеј му посочи дека Македонската православна црква - Охридска Архиепископија е жива црква. Вселенскиот патријарх, пак, изрази надеж дека прашањето со нејзиниот статус ќе се реши. Од Иванов покана, неговата светост да ја посети Македонија за илјада годишнината од формирањето на Охридската Архиепископија.
Мартин Пушевски, специјален известувач од Истанбул за МРТ
