Судот го одби барањето на одбраната за целосно читање на содржината на доказите во случајот „Тенк“
Судот го одби ова барање како неосновано и наведе дека според Законот за кривичната постапка не е обврзувачки содржината на доказите да се внесува во записникот.

Ново судско рочиште за „Тенк“. Одбраната побара на записник да се внесе целата содржина од сите писмени докази на обвинителството, а не само насловите на списите. Образложението, како што наведе екс- премиерот Никола Груевски е јавноста да види дека во суштина овие документи не содржат ништо и се празни.
Судот го одби ова барање како неосновано и наведе дека според Законот за кривичната постапка не е обврзувачки содржината на доказите да се внесува во записникот.
Досега исказ дадоа 15-тина сведоци предложени од Обвинителството. Ниту еден против нас. Двајца кажаа дека воопшто не учествувале во процесите, а сите останати своите искази ги дадоа во наша корист, изјави Груевски. Посочи дека Судот одбил да го одложи денешното судење, поради кое тој всушност денеска не може да присуства на собраниската седница за доверба на Владата.
Според обвинението, во периодот од февруари до крајот на октомври 2012 година Груевски како службено лице ги искористил влијанието и службената положба и побарал од министерката за внатрешни работи Јанкулоска, да спроведе јавна набавка во која министерството ќе купи ново блиндирано патничко моторно возило „мерцедес“, модел „С-600 гард“, а во постапката бил фаворизиран економскиот оператор М.А. ДООЕЛ, генерален застапник и дистрибутер на возилата од брендот „Мерцедес“.
