Нова преговарачка рунда меѓу Димитров и Коѕијас во Охрид
Двајцата дипломати во пресрет на денешната средба истакнаа дека очекуваат позитивен напредок во разговорите, во насока на натамошно зближување на позициите...

Шефот на македонската дипломатија Димитров и неговиот грчки колега Коѕијас денеска во Охрид ќе имаат средба како дел од најновата рунда преговори за надминување на проблемот што Грција го има со уставното име на Република Македонија.
И двајцата дипломати во пресрет на денешната средба истакнаа дека очекуваат позитивен напредок во разговорите, во насока на натамошно зближување на позициите.
Се надевам на прогрес и мислам дека однесувањето на Грција и Македонија во однос на процесот сигнализира дека процесот е во деликатна фаза и фокусирани сме токму на овие разговори. Се надевам дека ќе ни помогне што оваа рунда се одржува во Охрид, изјави Димитров пред средбата со Коѕијас.
Шефот на грчката дипломатија вчера во Белград пред да отпатува за Охрид рече дека дека е направен чекор напред во решавање на спорот за името и дека за негово затворање е потребен компромис.
Реализам и прагматизам е клучот на решението. Потребен е компромис, но не гнил компромис. Двете страни мора да разберат дека не можат да добијат се, рече Коѕијас.
Коѕијас синоќа допатува во Охрид, каде имаше работна вечера со неговиот домаќин Димитров.
