Соработка

Се бараат потесни бизнис- врски со Турција

12.04.2018 10:27

Македонските и турските бизнисмени бараат начини како да се продлабочи економската соработка меѓу двете земји. Потенцијалот треба да се искористи. Трговската размена треба да достигне милијарда долари- согласни и двете страни. Македонските компании на средбата со турските партнери побараа полесен пристап до тамошнот пазар. Добрите политички односи мора да се пресликаат и во бизнисот- побара претседателот Иванов...

Бизнисмените од Македонија и од Турција на заедничка маса. Заедно со Претседателот Иванов во Истанбул бараа начин како да ја продлабочат економската соработка меѓу двете земји. Потенцијалот не е искористен, трговската размена треба да достигне милијарда долари – согласни и двете страни.

„Турските инвестиции во Македонија се зголемуваат во последните 10 години. Околу 100 наши компании се присутни во Македонија, досега инвестираа милијарда и 200 милиони евра и имаат околу 5 илјади вработени. Ако се погледат потенцијалите и на двете земји, мислам дека инвестициите треба да се зголемат“, изјави Ченгиз Гунај, Сојуз на стопански комори и берзи на Република Турција.

Македонија и Турција во изминативе години беа исправени пред сериозни предизвици, но остварениот резултат е показател дека има простор за динамизирање на соработката, посочи претседателот Иванов.

„За само две политичко и безбедносни најтешки години, од 2015 до 2017 година, размената е зголемена за 63 милиони долари, односно од 393 милиони на 456 милиони долари. Како држави правиме сè што можеме да го олесниме патот до целта. Мешовитата комисија за економска соработка ја подобрува договорната состојба, имаме договор за слободна трговија, за одбегнување на двојно оданочување, за поттикнување и заштита на инвестициите“, нагласи претседателот Ѓорге Иванов.

Македонските компании на средбата со партнерите од Турција побараа полесен пристап до тамошнот пазар.

„Турските компании се заинтересирани само за извоз, како резултат на офанзивната политика на турската држава. Многу малку имаме можности за влегување на турскиот пазар, којшто е и заштитен и пребирлив. Оттука имаме неповолна ситуација да не можеме да ја наградиме соработката од 450 до 500 милиони долари“, изјави Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија.

Претседателот Иванов побара одличните политички односи меѓу двете земји да се пресликаат и на економски план.

„Нашите две држави денес имаат исклучително добри претпоставки да се фокусираат на економската соработка и на инвестициите. Нас не радува перманетниот економски раст и успеси на Турција. Македонија, пак, нуди огромен број можности и прилики. Едно е јасно, може многу повеќе и во инвестициите и во трговската размена“, рече претседателот Иванов.

Турските компании се присутни во Македонија во банкарскиот сектор, образованието, здравството, туризмот, текснилната индустрија, енергетиката.

 

Мартин Пушевски, специјален известувач од Истанбул за МРТ