Сирија

Затегната ситуација на Блискиот Исток

12.04.2018 10:32

Ѕвечка оружјето на Блискиот Исток. Поморските флоти на големите сили се на готовс. Денеска е денот „Д“. САД се заканија со ракетирање на Сирија. Русија најави контраодговор. Ги брани политиките на претседателот Асад. Генералниот секретар на Обединети Нации, Гутереш изјави дека стравува оти ситуацијата во Сирија може да излезе од контрола. Експерти од организацијата за забрана на хемиско оружје ќе истражуваат за наводната употреба на хемиско оружје во градот Дума.

Британија ги позиционира подморниците за ракетни напади врз војската на Сирија чијашто влада ја обвинува за хемиски напади врз цивилното население. Иако законот не ја обврзува премиерката Тереза Меј да ја стави воената акција на гласање пред Парламентот, таа очекува поддршка од пратениците. Наскоро ќе биде објавена конечната одлука за кооридиниран напад во соработка со САД и со Франција.

Нападите со хемиско оружје во Дума, Сирија беа вараварски чин. Загинаа многумина, вклучувајќи и деца. Во Советот за безбедност на Обединетите Нации имаше резолуција со која ќе се овозможеше истрага, но Русија стави вето. Соработуваме со сојузниците и дознаваме што се случува на теренот. Сите знаци укажуваат на тоа сирискиот режим е одговорен за проблемот“, изјави Тереза Меј, премиер на Обединетото Кралство.

Официјален Вашингтон ги разгледува сите опции за евентуален воен одговор на конфликтот на Блискиот исток којшто наместо да запре, само го менува фронтот. Американскиот претседател Доналд Трамп имаше консултативен телефонски разговор со неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган за сириската криза. Генералниот секретар на Обединети нациии, Антонио Гутереш изрази загриженост за моменталните случувања и идните чекори на велесилите од Исток и Запад. Апел испрати и поранешниот американски претседател Џими Картер кој предупреди дека треба да се избегнуваат воени акции во Сирија или во другите светски жаришта, со цел да не се случи нуклеарен напад.

Сите опции се на маса, Русија покажа дека е одговорна за ова. Гарантираа дека никогаш нема да се повтори напад со хемиско оружје, и не успеаја. Ставија вето на 6 различни резолуции со што му помогнаа на Асад“, рече портпаролот на Белата куќа, Сара Сандерс.

Официјална Москва обвини за антируска кампања од Западот. Министерство за надворешни работи ја поздрави одлуката на Организацијата за забрана на хемиско оружје (ОПЦВ) да испрати експерти во Сирија поради истрага на наводната употреба на овој тип оружје во Источна Гута

Не учествуваме во Твитер- дипломатија. Ние сме за сериозен пристап. Веруваме дека е важно да не се преземат чекори кои би и наштетиле на веќе влошената ситуација во Сирија. Убедени сме дека се измислени обвинувањата за напад со хемиско оружје за да имаат аргумент за воена акција“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Во меѓувреме, Сириската армија воспостави целосна контрола над градот Дума, што досега беше под контрола на групата „Џаиш ал ислам“.

Маја Фидлишев