Разговори за името

Средба Димитров- Коѕијас во Охрид

12.04.2018 10:22

Шефот на македонската дипломатија, Димитров и неговиот грчки колега, Коѕијас претпладнево во владината вила во Охрид ја почнаа новата рунда разговори за надминување на проблемот што Грција го има со уставното име на Република Македонија. Средбата Димитров- Коѕијас се очекува да трае околу два часа по што е предвидено двајцата министри да дадат изјави за медиумите...

Во Охрид нова, за неполн месец трета по ред средба на шефовите на македонската и на грчката дипломатија, Димитров и Коѕијас. И Македонија и Грција очекуваат решение. Атина инсистира на име за севкупна употреба и промена на Уставот, а македонската Влада- решението да не задира во идентитетот.

Шефот на грчката дипломатија Коѕијас, пред доаѓањето во Македонија изјави дека е направен чекор напред во решавање на спорот за името и оти за негово затворање е потребен компромис.

„Реализам и прагматизам е клучот на решението. Потребен е компромис, но не гнил компромис. Двете страни мора да разберат дека не можат да добијат сѐ“, изјави Коѕијас вчера во Белград.

„Се надевам на прогрес и мислам дека однесувањето на Грција и Македонија во однос на процесот сигнализира дека процесот е во деликатна фаза и фокусирани сме токму на овие разговори“, изјави Димитров пред средбата со неговиот грчки колега.

Коѕијас синоќа допатува во Охрид, каде имаше работна вечера со неговиот домаќин Димитров.