Рочиште за случајот „Поткуп“ во Кривичен суд
Снимката обезбедена со посебните истражни мерки, која како доказ се користи во постапката на минатото судење не се гледаше, иако беше така одлучено.

Во Кривичниот суд ново рочиште за случајот „Поткуп“, во кој првообвинет е Зоран Заев за побарано мито за легализација на градежно земјиште како поранешен градоначалник на Струмица. Снимката обезбедена со посебните истражни мерки, која како доказ се користи во постапката на минатото судење не се гледаше, иако беше така одлучено.
Обвинителството побарало одлуката да ја добие написмено за да може да се жали пред повисокиот суд. Во исказот, бизнисменот Иван Николов тврдеше дека Заев му барал три евра поткуп од квадратен метар- едно евро за него, едно за црквата и едно за партијата.
Неговото кажување не се совпаѓа со она што го кажал во истрагата, бидејќи тогаш пријавил дека Заев му рекол да даде три евра за изградба на црквата. Сведокот тврдеше дека тој тоа не го кажал пред Обвинителството, но неколку пати повтори дека потписот е негов.
Обвинителството инсистира снимката да биде пуштена без присуство на јавноста заради заштита на сведокот, а последниот збор ќе го има Апелација.
