Заврши средбата Димитров- Коѕијас, напредок има- разговорите продолжуваат
Во владината вила во Охрид завршија разговорите на шефовите на македонската и на грчката дипломатија за надминување на проблемот што Грција го има со уставното име на Република Македонија. Се пеглаат разликите. Димитров и Коѕијас велат- напредок има, но се уште постојат разлики...

Предмалку заврши средбата на шефовите на македонската и на грчката дипломатија, Димитров и Коѕијас, за името во Охрид. За неполн месец, ова е трета по ред средба. Ова беше разговор без надмудрување со големо разбирање за потребите на другиот- рече Димитров. Според Коѕијас, полека се надминуваат тешките проблеми.
„Забележуваме напредок, посебно оваа рамка на заедничка соработка, но и на тешкото прашање што се однесува на иредентизмот. Како што се доближуваме и ги решаваме нашите проблеми, остануваат помалку теми за решавање, но се сепак најтешките“, изјави после средбата шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас.
„Разговараме за сите прашања коишто ја составуваат разликата околу прашањето за името, за дел од тие прашања има напредок, бидејќи се созреани, за дел се уште постојат разлики. За прв пат разговаравме за временската рамка и за чекорите, доколку се постигне решение- како тоа ќе изгледа и како тоа ќе се имплементира. Нашиот главен предизвик е како главните грижи од двете страни да ги составиме и да ја најдеме комбинацијата што ова ќе го обезбеди“, изјави шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров.
За сите точки од разговорите, ќе бидат информирани премиерите на двете држави. Атина инсистира на име за севкупна употреба и промена на Уставот, а македонската Влада- решението да не задира во идентитетот.
Коѕијас од Охрид заминува во посета на Приштина, во рамки на неговата мини балканска турнеја.
