Снимката за „Поткуп“ и денеска не се пушта, се разгледуваат други ПИ мерки

12.04.2018 13:20

Интегралната снимка за случајот „Поткуп“, во кој обвинет е премиерот Зоран Заев, нема да биде пуштена и на денешното рочиште во Кривичниот суд бидејќи Апелација сѐ уште не се произнела по забелешката од Јавното обвинителство дека станува збор за ПИ мерки и заради заштита на сведокот.

Во Кривичниот суд ново рочиште за случајот „Поткуп“, во кој првообвинет е Зоран Заев за побарано мито за легализација на градежно земјиште како поранешен градоначалник на Струмица. Јавноста е исклучена, се слушаат материјали прибавени со посебни истражни мерки.

Засега нема информација дали пред јавноста ќе биде презентирана и целосната снимка за наводниот поткуп на Заев од струмичкиот бизнисмен.

Во исказот на претходното судење Иван Николов тврдеше дека Заев му барал три евра поткуп од  квадратен метар- едно евро за него, едно за црквата и едно за партијата. Неговото кажување не се совпаѓа со она што го кажал во истрагата, бидејќи тогаш пријавил дека Заев му рекол да даде три евра за изградба на црквата.

Сведокот тврдеше дека тој не го кажал тоа пред обвинителството, но неколку пати повтори дека потписот е негов.