Да се мотивираат средношколците за меѓународниот тест ПИСА
Министерката за образование Дескоска очекува тестирањето да го покаже реалното знаење на учениците, а резултатите ќе бидат основа за реформите.

На крајот од месецов средношколците од прва година ќе го полагаат меѓународното тестирање ПИСА. Резултатите треба да покажат колку се писмени учениците и колку ја познаваат математиката. Ресорните министри и директорите ги направија последните подготовки.
Министерката за образование Дескоска очекува тестирањето да го покаже реалното знаење на учениците, а резултатите ќе бидат основа за реформите.
„Бевме рангирани на дното на листата заедно со последните четири земји, се обидуваме на секој начин да ги мотивираме, пред се, наставниците и директорите за таа мотивација да ја пренесат на учениците сериозно да пристапат на ова тестирање. Во минатото се покажа дека учениците дури не стасувале до крајот на тестот бидејќи го сметале за нерелевантен и небитен, дека не влијае на нивниот успех и не ги завршувале тестовите. Првенствено сакаме да ја кренеме свеста за значењето на ова тестирање кое во крајна линија ќе биде патоказ на реформите што ќе ги правиме во средното и во основното образование“, изјави министерката Дескоска.
ПИСА програмата за меѓународно оценување на образованието се полага во 60 држави.
