Дипломатија

Разговори за името: Направен позитивен чекор, најтешкото прашање останува

12.04.2018 14:54

Позитивен чекор е направен, но најтешкото прашање останува- општ заклучок по средбата на министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Димитров и Коѕијас. Го направивме тој позитивен чекор и се надеваме дека ќе ги олесниме тешките проблеми. За првпат разговарано за временската рамка и за чекорите кои ќе треба да се направат, доколку се постигне решение, како ќе се имплементира...

За првпат разговаравме за временската рамка во која ќе се спроведува договореното меѓу Македонија и Грција, а за текот на денешните разговори со колегата Коѕијас ќе ги информираме премиерите. Ова е дел од изјавата на министерот за надворешни на Македонија, Димитров по средбата со шефот на грчката дипломатија во резиденцијата на владата во Охрид. Димитров подвлече- разговаравме за иредентизмот од двете страни и тука за тоа усогласивме текст предложен од работните групи дипломати.

„За прв пат разговаравме за временската рамка и за чекорите, доколку се постигне решение- како тоа ќе изгледа и како тоа ќе се имплементира. Ова беше разговор без надмудрување со големо разбирање за потребите на другиот. Нашиот главен предизвик е како главните грижи од двете страни да ги составиме и да ја најдеме комбинацијата што ова ќе го обезбеди“, изјави шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров.

Разговарано е и за преамбуларните параграфи на идните точки од договорот, додаде македонскиот министер, посочувајќи, и покрај напредокот, дека и натаму постојат разлики. Според Коѕијас направен е уште еден позитивен чекор, со сѐ помалку теми за решавање.

„Забележуваме напредок, посебно оваа рамка на заедничка соработка, но и на тешкото прашање што се однесува на иредентизмот. Како што се доближуваме и ги решаваме нашите проблеми, остануваат помалку теми за решавање, но се сепак најтешките“, изјави после средбата шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас.

Во Охрид немаше прес- конференција, па затоа новинарите беа информирани, на 3-ти и 4-ти мај во Солун следува четворна средба кадешто ќе учествува и Димитров, како и билатерална средба во Брисел на 11-ти и 12-ти мај.

 

Зоран Богатинов