Асад: Каков било напад врз Сирија би ја зголемил нестабилноста во регионот
Претседателот на Сирија, Башар ал- Асад за првпат се огласи за најавената офанзива од западните земји. Велика Британија се подготвува за акција, Вашингтон ги анализира опциите, а Москва обвинува за масовна антируска пропаганда. Глобалната политичка сцена внимателно ги следи потезите на велесилите од истокот и западот...

„Каков било напад врз Сирија би ја зголемил нестабилноста во регионот“, изјави сирискиот претседател Башар ал- Асад. Британија ги позиционира подморниците за ракетни напади, а кинеската флота е во водите на Медитеранот за асистенција на руската страна. Се очекува британската конечна одлука за кооридинирана операција во соработка со САД и со Франција. Планот има поддршка од властите во Израел, коишто повикаа и на акција во Иран.
„Нападите со хемиско оружје во Дума, Сирија беа вараварски чин. Загинаа многумина, вклучувајќи и деца. Во Советот за безбедност на Обединетите Нации имаше резолуција со која ќе се овозможеше истрага, но Русија стави вето. Соработуваме со сојузниците и дознаваме што се случува на теренот. Сите знаци укажуваат на тоа сирискиот режим е одговорен за проблемот“, изјави премиерката Тереза Меј.
Официјален Вашингтон ги разгледува сите опции за конфликтот на Блискиот исток кој наместо да запре, само го менува фронтот. Американскиот претседател Трамп имаше консултативен телефонски разговор со неговиот турски колега Ердоган за сириската криза. Генералниот секретар на Обединети нациии, Антонио Гутереш изрази загриженост за идните чекори на велесилите од Исток и од Запад. За да се елиминира опасноста од нуклеарен напад, апел за отповикување на планот за воени акции прати и поранешниот американски претседател Џими Картер.
Официјална Москва го обвини Западот за антируска кампања. Поздравена одлуката на Организацијата за забрана на хемиско оружје за праќање истражен експертски тим во Источна Гута.
„Не учествуваме во Твитер-дипломатија. Ние сме за сериозен пристап. Веруваме дека е важно да не се преземат чекори кои би и наштетиле на веќе влошената ситуација во Сирија. Убедени сме дека се измислени обвинувањата за напад со хемиско оружје за да имаат аргумент за воена акција“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Во меѓувреме, Сириската армија воспостави целосна контрола над градот Дума, што досега беше во рацете на групата „Џаиш ал ислам“. Во регионот се распоредени и руски војници.
Маја Филдишев
