Македонија домаќин на првиот Дигитален самит на земјите од Западен Балкан
Освен премиерите и ресорните министри од земјите- учесници, ќе присуствуваат и министри од седумте земји вклучени во Берлинскиот процес, како и еврокомесарот Хан и шефицата на европската дипломатија Могерини.

На дводневниот дигитален самит на земјите од Западниот Балкан што ќе се одржи во Скопје, ќе присуствуваат над 400 учесници. Освен премиерите и ресорните министри од земјите- учесници, ќе присуствуваат и министри од седумте земји вклучени во Берлинскиот процес, како и еврокомесарот Хан и шефицата на европската дипломатија Могерини.
„Самитот ги поврзува на едно место претставниците на владите, бизнисите, регионалните организации, граѓанското општество, академската заедница и младите со заедничка цел за размена на идеи и предлози за заедничко делување“, изјави денеска министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.
Додаде дека ќе се разговара за намалување на цените на роамингот, сајбер безбедноста, зголемување на дигиталните вештини на граѓаните и меѓусебно дигитално поврзување на земјите од регионот.
Една од иницијативите што треба да произезе е заедничка иницијатива пред Европската комисија за меѓусебно признавање на дигиталните сертификати, што значи дигиталните потписи и печати. Заедничкиот настап ќе значи дека сме посветени да напредуваме заедно, да вложуваме заедно и да стасаме на ова ниво меѓусебно да ги почитуваме дигиталните сертификати, истакна министерот.
Додаде дека покрај одлуката за намалување на цените на роаминг со ЕУ и целосно укинување на роамингот меѓу земјите од регионот, ова ќе биде еден од најголемите резултати на Дигиталниот самит.
