Германска поддршка за евроинтеграцијата на Македонија

12.04.2018 16:02

Германија ќе биде најголем поддржувач на Македонија за почнување на преговори со Европската унија, но прво мора да го решите проблемот со Грција со името- вели во изјавата за МТВ шефот на Комисијата за европски прашања на германскиот Бундестаг, Гунтер Крихбаум. Претседателот на Комисијата за европски прашања Артан Груби со прогноза- Македонија ќе добие чиста препорака за преговори...

Неколку дена пред објавувањето на извештајот на Европската комисија за Македонија, германските парламентарци во Скопје порачаа дека Германија е најголем поддржувач на Македонија за членство во Унијата, но дека треба да се завршат реформите и да се најде решение за името со Грција.

„Македонија е на добар пат за приклучување во ЕУ, но првин постои едно прашање што мора да се затвори, спорот со името меѓу вашата земја и Грција. Верувам дека разговорите се одвиваат во добра насока. Тоа е нешто што ние го посакуваме, земјата да го реши ова прашање, бидејќи тоа ќе ги придвижи работите кон следната насока, приемот во НАТО и во ЕУ. Можам да ве уверам дека на патот кон Европската унија, Македонија ќе ги има нашето партнерство и нашата поддршка“, изјави Гунтер Крухбаум, претседател на Комисија за европски прашања во германскиот Бундестаг.

Реформите треба добро да се спроведат, за земјата да биде подготвена за преговори со Унијата, порачаа од германскиот Бундестаг. Од Комисијата за европски прашања очекуваат чиста препорака на 17-ти април и поддршка од Германија за почеток на преговорите.

Македонија има јасна европска перспектива и проширувањето со земјите од Западниот Балкан ќе придонесе заедно добро да се подготвиме за предизвиците од светската глобализација, велат германските парламентарци.

 

Ирина Гелевска