Владата ја преживеа првата интерпелација
СДСМ и ДУИ го отфрлија барањето за изгласување недоверба на премиерот и министрите, поднесено од ВМРО-ДПМНЕ. Против гласаа 62 пратеници. Опозициската партија обвини дека Владата нема капацитет да ја води државата и дека води штетни политики на внатрешен и на надворешен план. Десет години имавме заробена држава. Интерпелацијата е очаен обид за враќање на ВМРО-ДПМНЕ во Законодавниот дом, возвратија од парламентарното мнозинство.

Зоран Заев ја преброди првата интерпелација за неговата Влада. Против изгласување недоверба беа 62-ца пратеници, за гласаа 40, а двајца пратеници од БЕСА и од Алијансата на Албанците беа воздржани.
Власта и опозицијата ги судрија ставовите за политиките што ги спроведува Владата. Слушаме само за филозофии во економијата, имаме најнизок економски раст во Европа и спуштени позиции во преговорите за името- изјави од говорницата поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Тој посочи дека Договорот со Бугарија е скандалозен исто како и прифаќањето за менување на учебниците по историја. Кога дојдовте на власт, одлично образован кадар го заменивте со нестручен кој не може да испорача позитивни резултати. За разлика од вас, донесовме странски инвеститори, ја намаливме невработеноста, рече Груевски.
Ти си минато, така реши народот, Македонија чекори напред- му одговори на Груевски премиерот Заев. Во обраќањето пред да се гласа, рече дека новата Влада наследила заробена држава и ограбени ресурси, коруптивни и штетни договори. Апелираше на одговорно однесување, за како што рече, да направиме европска држава.
Планот 3-6-9 е исполнет над 90 проценти и со тој проект сме на брзата лента во евроинтеграциите. За тоа, како што смета шефот на Владата, ќе стигне потврда од Европската комисија која во извештајот ќе даде чиста препорака за Македонија.
Дебатата по барањето за гласање недоверба на Владата ја отворија координаторите на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ. Додека Драган Данев рече дека Заев предводи неспособна Влада која нема капацитет, Томислав Тунтев со спротивен став-интерпелацијата содржи паушални оценки и е очаен обид за враќање на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието.
Поделеност и во албанскиот блок партии. ДУИ во одбрана на актуелната Влада. Според лидерот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села, еден режим падна, но друг се раѓа. На Заев му порача дека не ја заслужува неговата доверба. Од БЕСА пак посочија дека сѐ уште постојат двојни аршини за Албанците. И тие беа воздржани во гласањето.
Владата на Заев продолжува со работа. Во наредните три месеци нема можност за нова интерпелација. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе учествуваат во работата на Собранието. На дневен ред се реформските закони за кои треба двотретинско мнозинство.
Миле Ристески
