Актуелниот и поранешниот премиер на обвинителна клупа
Актуелниот и поранешниот премиер повторно на обвинителна клупа. Снимки од ПИ мерките му беа презентирани на Зоран Заев и на неговите бранители во случајот „Поткуп“. Во соседната зграда му се судеше на Никола Груевски во случајот за изборните нерегулартности насловен како „Титаник“. Неговите адвокати побараа изземање на судиите...

Апелацискиот суд сѐ уште не донел одлука дали јавноста ќе ја види целосната снимка во која, како што тврди Обвинителството, поранешниот градоначалник Зоран Заев бара поткуп од струмички бизнисмен. Во меѓувреме во судницата зад затворени врати - странките, но не и новинарите, ги слушаа аудио записите од телефонски разговори од ПИ мерките, за кои Заев тврди - не докажуваат ништо.
Заев не знае со колку законски снимки располага Обвинителството, затоа што како што рече, прислушувањето траело повеќе од две години. Запознаен е дека постојат повеќе од 10 илјади прислушувани разговори, а само дел од нив, како што наведе, биле снимени со судски налог на барање на обвинителството.
Освен на актуелниот премиер, му се судеше и на поранешниот претседател на Владата - Никола Груевски, за изборни нерегуларности. Неговите бранители побараа иземање на судечкиот совет, како и на претседателите на кривичниот и на апелацискиот суд. Велат дека Специјалната обвинителка Катица Јанева јавно изјавила дека некои судии биле прислушувани.
За да не се случи во некоја идна постапка тие да се јават како оштетени, адвокатите бараат овие луѓе да не му судат на Груевски. Тој тврди дека рочиштето е закажано со цел јавноста да се дефокусира од реалните проблеми.
Ново рочиште е закажано за 26-ти до кога се очекува по барањето за изземање да одлучи повисокиот суд.
Анита Димитријевска
