Иванов: Светот се менува, треба да се размислува надвор од шаблонот
Светот се менува, треба да се размислува надвор од шаблонот- претседателот Иванов со порака пред актуелни и поранешни шефови на држави на Евроазискиот самит во Истанбул. На сесијата отворена дилемата на нашиот век- политиката наспроти технологијата...

„Колку се потешки предизвиците за една цивилизација, толку покреативен треба да биде нејзиниот одговор“- порача претседателот Иванов од 21. Евроазиски самит во Истанбул. На сесијата резерирана за актуелни и поранешни шефови на држави, се отвори дилемата на нашиот век, политиката наспроти технологијата. Заклучок - светот се менува, треба да се размислува надвор од шаблонот.
„Политиката треба да се приспособи на новите очекувања на луѓето, во новите глобални услови. Луѓето сè уште имаат желба за слобода исто толку колку што имаат потреба за безбедност. Новите политичари треба да нудат брзи и креативни решенија. А инспирација и пример можат да им бидат лидерите кои управуваат со мегалополисите. Искуствата од раководењето на еден Истанбул, еден Њујорк и еден Хонг Конг во 21-ви и 22-ри век стануваат поважни за иднината на раководењето со глобализираниот диверзитет отколку искуствата со националната држава на 19-ти и 20-ти век. Можеби е време политиката, која се роди во полисот, сега да се врати во мегалополисот“, изјави претседателот Ѓорге Иванов.
Во светот се случува четвртата технолошка револуција. Се менуваат градовите, економииите, образовните системи, интернетот и социјалните мрежи веќе ја покажаа својата моќ за време на избори.
„Односот меѓу технологијата и политиката е многу важен, видовме дека може да се користи за време на избори. Треба да се види дали овој однос ќе донесе среќа и благостостојба во целиот свет или ќе донесе тага“, рече Абдулах Ѓул, поранешен претседател на Турција.
„Имаме социјални мрежи на кои под превезот на слобода на говорот се шират предрасудите, стереотипи, неинформираност и говор на омраза“, нагласи Стјепан Месиќ, поранешен претседател на Хрватска.
„Новата индустрија го менува светот од темел, ги менува начинот на меѓусебната соработка, работното окружување, претпријатијата, јавниот и приватниот сектор“ – изјави Маринко Чавара, претседател на федерацијата на БиХ.
Во време на коренити промени, важно е државите да соработуваат меѓусебе за да одговорат на предизвиците на модерното време.
Младите немаат трпение за политиката и за политичарите од минатото. Ако порано родителите ги учеа децата како да се снајдат во животот, сега децата ги едуцираат родителите за најновата технологија- укажа претседателот Иванов на Евроазискиот самит.
Мартин Пушевски, специјален известувач од Истанбул за МРТ
