Сириска криза

Итен состанок на Советот за безбедност на ОН за Сирија

13.04.2018 12:56

Нов итен состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации за Сирија. Западот без конечна одлука за интервенција. Русија апелира да се воздржат од воени активности. Според анализа на американски претставници, во Дума било употребено хемиско оружје...

Кабинетот на американскиот претседател Доналд Трамп без конечна одлука за евентуален воен напад во Сирија. Русија повика на воздржување од какви било операции и издејствува нов состанок на Советот за безбедност на ОН за ситуацијата на Блискиот исток. Западот ја обвинува владата на Дамаск за хемиски напади во Дума. Германија нема да се ангажира, но ќе ја следи ситуацијата на терен.

„На покана од сириската влада, ние пративме наша војска таму. Приоритет е да се елиминира опасноста од војна. Не исклучуваме ниедна опција зашто видовме какви се пораките од Вашингтон. Беа многу воинствени“, изјави Василиј Небензја, руски амбасадор во ОН.

Лидерите на Обединетото Кралство и на САД во телефонски разговор заклучиле дека од клучно значење е да се спречи употребата на хемиско оружје. Британската Влада и даде „зелено светло“ на премиерката Тереза Меј да им се придружи на официјален Париз и Вашингтон во плановите за воена операција во Сирија. Опозиција бара гласање во Парламентот иако премиерката нема законска обврска да го направи тоа.

„Обединетите нации имаат обврска да осигураат соодветна истрага. Одлуката ќе следи по инспекцијата во Дума. Стотици илјади луѓе загинаа во Сирија. Милиони се бегалци кои живеат во ужасна сиромаштија и очај. Русија, Америка, Европската Унија и соседните земји на Сирија мора да создадат услови за прекин на огнот“, изјави Џереми Корбин, лидер на Лабуристите.

За дел од Сиријците во Дамаск, не постои опасност од нова светска војна.

Јасно ни е што се случува. Пред сѐ, се плашат од Русија и Кина, а и храбрите граѓани кои минаа низ ужас седум години. Народот не се плаши од САД.

Ова се само закани. Отсекогаш нѐ заплашувале. Не е прв пат. И не е ништо ново. Навикнати сме. Русија ќе одговори“- велат жители на Дамаск.

Организацијата за забрана на хемиско оружје стартува со теренска инспекција в сабота.

Маја Филдишев