Реализирани над 90 проценти од Планот 3-6-9, се очекува чиста препорака
Република Македонија испорачала исклучително задоволителни реформски резултати и е вратена на европскиот пат, му порачале евопските функционери на вицепремиерот Бујар Османи во рамките на последната посета на Брисел. Османи вели дека се реализирани околу 90 проценти од Планот 3-6-9 и дека очекува досега најдобар извештај од Европската комисија...

Планот 3-6-9 е реализиран над 90 проценти, информира вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, изразувајќи очекување дека претстојниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија ќе биде најдобар досега.
„Денес кога се навршува периодот за имплементација на Планот 3-6-9, дозволете да констатирам дека Планот е успешно спроведен, а реализацијата ги надмина и најоптимистичките прогнози. На 17-ти април, очекуваме и се надеваме дека Планот ќе биде крунисан со веројатно најдобриот извештај на Европската комисија за состојбата и напредокот на земјата, и со чиста безусловна препорака до Советот на ЕУ за почеток на преговорите со Република Македонија за полноправно членство во ЕУ“, изјави вицепремиерот Бујар Османи.
Во рамките на последните средби со претставниците на Комисијата во Брисел, на Османи му било соопштено дека Македонија испорачала исклучително поволна реформаска агенда и дека повторно била вратена на европскиот пат.
„Одредени закони во последен момент беа одложени поради барање на опозицијата за дополнителни консултации. Иако го поздравуваме фактот што опозицијата се врати во Собранието, ги изгласа двотретинските закони кои што се важни, од почеток повикувавме дека проектот Македонија во ЕУ не е ексклузивен проект на една влада, тоа е проект на целото општество во целина“, нагласи Османи.
Османи порача и дека реформите ќе продолжат и натаму, а вистинска валоризација на трудот ќе претставува решавањето на името со Грција.
Марија Котовска
