Ослободителна пресуда за обвинетите за убиството на тројцата полицајци во Арачиново
Кривичниот суд во Скопје денеска донесе втора ослободителна пресуда за Лирим Динарица, Емрула Емрулаи, Рамиз Асани, Муча Бајрами, обвинети во случајот на тројцата убиени полицајци Кирил Петрушевски, Ацо Ангеловски и Ерол Готак, на влезот во Арачиново во јануари 2000-та година. Од натамошен прогон во меѓувреме беа ослободени и обвинетите Башким Асани и Агим Асани, сега веќе починати...

По 18 години минати низ судските лавиринти, четворицата обвинети за убиството на тројцата полицајци во Арачиново се ослободени. Пресудата гласи- нема докази дека Лирим Динарица, Емрула Емрулаи, Рамиз Асани и Муча Бајрами ги сториле убиствата. Првообвинетиот Динарица во истрагата го призна делото, но подоцна го смени исказот и изјави- бил под присила. Судијката констатира дека ваквиот исказ не може да се смета за доказ.
Ова е втора ослободителна пресуда, откако Апелацискиот суд постапувајќи по жалба на Обвинителството предметот го врати на повторно одлучување. Првично, беа обвинети седуммина. Но, еден од нив загина во престрелка со полицијата, а двајца од обвинетите во меѓувреме починаа.
Во обвинението се наведува- убиствата се изврешени на 11-ти јануари 2000-та. Обвинетите со автоматско оружје од заседа стрелале во полицајците Петрушевски, Ангеловски и инспекторот Готак кои на влезот од Арачиново учествувале во акцијата поврзана со украдени скапи возила.
Анита Димитријевска
