Заедницата на српски општини се враќа на агендата по изборите во Косовска Митровица

25.02.2014 11:41

По изборот на нов градоначалник на северна Косовска Митровица на косовската агенда повторно се враќа прашањето за формирање Заедница на српски општини (ЗСО), пишува приштински „Коха диторе“.

Иако не е објавена суштината на нацрт-статутот за формирање на ЗСО, косовските власти соопштија дека документот е подготвен и дека ќе им биде предаден за натамошно разгледување на градоначалниците на северните косовски општини.

Предлозите за измени во законот за локална самоуправа, според наводите на владините функционери, не го спречуваат почнувањето на процедурата од страна на четирите градоначаници за формирање на Заедницата, додава весникот.

Косовската Влада им препушти на четворицата градоначаници на општините од северот во кои Србите се мнозинство, да решат кога сакаат да ја формираат Заедницата. Нацрт-статутот е подготвен  и за него ќе расправаат самите иницијатори за формирањето на Заедницата.