Регион

Вучиќ- Меркел: Болни и тешки решенија за Србија да биде дел од ЕУ

13.04.2018 15:42

„Во иднина ќе се носат болни и тешки решенија доколку Србија сака да биде дел од ЕУ“, Вучиќ по средбата со Меркел со порака до својот народ. Германската канцеларка, пак, со убедување дека заедничката средба ќе придонесе да се изнајде решение за прашањето за Косово...

Германската канцеларка Ангела Меркел на прес- конференцијата во Берлин со српскиот претседател Александар Вучиќ порача дека средбата ќе придонесе да се изнајде решение за прашањето за Косово, без разлика колку и да е тоа тешко, додека Вучиќ најави дека во иднината ќе се носат болни и тешки решенија доколку Србија сака да биде дел од ЕУ.

Ангела Меркел изјави дека на Германија во ЕУ и е важен развојот на Западен Балкан, највувајќи го самитот во Софија во мај, а потоа и конференцијата на Берлинскиот формат во Лондон.

„Кога се во прашање Косово и БиХ- Србија има клучна улога и важно е да имаме интензивна и блиска размена на мислења“, рече германската канцеларка.

Претседателот Вучиќ изјави дека Србија слуша и сака да ги чуе ставовите на Меркел.

„Европскиот пат е од витално значење за Србија и ќе мораме да носиме бројни тешки и болни решенија доколку сакаме членство во ЕУ. Дали тоа ќе биде 2025 или во некое друго време зависи пред сѐ од нас и од спроведувањето на реформите, но и од други работи во регионот“, изјави српскиот претседател, Александар Вучиќ.

Тој додаде дека Србија ќе направи сѐ што може за да ги избегне тензиите, судирите и дестабилилизацијата на регионот.

 

Оливер Бранковиќ, постојан дописник од Белград за МРТ