Сточарство

Продолжува вакцинацијата во краварските фарми

16.04.2018 10:26

Продолжува вакцинацијата за добиточната болест „јазлеста кожа“. Имунизацијата ќе трае до крајот на мај, а ќе бидат опфатени сите краварски фарми во земјава. Напоредно ќе се врши и ажурирање на податоците за бројноста на говедата.

Продолжува вакцинацијата на говедата против болеста „јазлеста кожа“. Вакцинацијата ќе трае до 31-ви мај, а се спроведува согласно Годишната програма за здравствена заштита на животните од страна на овластените ветеринарни друштва.

Со 230.000 дози од вакцината, донација од Евроската унија, опфатена ќе биде целата популација на говеда во земјава.

Болеста „јазлеста кожа“ засега е ставена под контрола благодарение на претходните имунизациски кампањи и нема нови заболени животни.

Последниот случај на оваа болест е евидентиран во јуни 2017-та година во Кривопаланечко.

Според Агенцијата за храна и ветеринарство, паралелно со вакцинацијата ќе се внесуваат и податоци за секое одгледувалиште одделно, со цел олеснување на постапката за контрола и исплата на субвенциите за сточарите.

 

Методија Трајков