Фабиус: Русија и ЕУ не треба да се конфронтираат за Украина

25.02.2014 12:02

Шефот на француската дипломатија Лоран Фабиус изјавил дека сите треба да се обидат да и помогнат на Украина да најде излез од кризата и побарал Русија и ЕУ да не се конфронтираат по тоа прашање.

- Треба сите партнери, вклучувајќи ја и Русија, да и помогнат на Украина, изјавил Фабиус.

Според него, откажувањето на поддршката за Украина од страна на Москва би било многу сериозно.

- Украина е во Европа, но не и во ЕУ. Не треба да се конфронтираат Русија од една и ЕУ од друга страна. Украина треба да работи истовремено и со Русија и со ЕУ, нагласил шефот на француската дипломатија.

Изјавата на Фабиус е дадена во момент кога Украина е на работ на банкрот, а Русија се заканува дека ќе ја прекине финансиската поддршка.

- Треба итно да се обрне внимание на економската ситуација во Украина. Прво треба ММФ да помогне, тоа повлекува и реформи кои нема да бидат лесни, истакнал Фабиус.