Евроинтеграции

Јункер: Мора да се отвориме за интеграција кон Западниот Балкан

17.04.2018 12:35

Мора да се отвориме за интеграција кон Западниот Балкан, тоа е крајно сложен регион, изјави претседателот на Европската комисија, Јункер на пленарната седница во Стразбур. Во пресрет на објавувањето на Извештајот за напредокот на земјите од Западен Балкан, Македонија очекува препорака за отворање преговори според досега сработеното.

Во Европскиот парламент во Стразбур денеска ќе биде соопштен најновиот извештај на Европската комисија за Западен Балкан. Македонија според изјавите на дипломати од Брисел ќе добие препорака за почеток на преговорите за членство, но исто така  ќе биде нотирано- да се продолжи со исполнувањето на реформските приоритети.

Западниот Балкан е премногу сложен регион, мораме да работиме на неговото интегрирање, изјави денеска во Стразбур шефот на Европската комисија, Жан Клод-Јункер.

„Му понудивме на Западниот Балкан европска перспектива од 1993-та година во Солун, но не сум наивен, тешко ќе биде. Државите од Западниот Балкан ќе мора да направат напори да се подобрат во одредени области. Мора да се отвориме за интеграција кон Западниот Балкан, бидејќи иако е крајно комплициран регион, не сакаме да се повтори ситуацијата од ’90-тите“, истакна Јункер во Стразбур.

Во извештајот на ЕК ќе пишува дека Македонија ја надминала длабоката политичка криза, се поздравува работата на земјава, особено во подготовката на стратегиите за законодавството и се бара од опозицијата да се вклучи во реформскиот процес.

И премиерот Заев и шефицата на европската дипломатија и одбрана, Могерини очекуваат добри вести за земјава, според сработеното.