Сириска криза

Руски воени бродови пловат кон Сирија

17.04.2018 13:07

Руски бродови опремени со воени возила одат преку Босфорот кон Сирија. Затишје во Сирија по нападот од Велика Британија, Франција и САД врз владините сили на Башар Ал Асад. Меѓусебните обвинувања продолжуваат. Се очекува анализата од истржаниот тим на Организацијата за забрана на хемиско оружје.

Статус кво и неизвесност во Сирија. Источните и западните сили со зголемено воено присуство на линиите на фронтот. Два руски воени брода преку Босфорот пловат кон руската поморска база Тартус во северна Сирија. Воените активности се во застој, но битката со фантомски докази меѓу противниците продолжува. Русија ги негира обвинувањата за користење хемиско оружје во Дума и ги осудува нападите од Западот, а НАТО и ЕУ застанаа во одбрана на операцијата од Велика Британија, Франција и САД против силите на претседателот Асад, чија влада, според нив, вршела напад врз сопствениот народ.

„Најостро го осудуваме нападот со хемиско оружје во Сирија зашто ги загрозува меѓународниот мир и сигурност. Виновниците мора да одговараат за тоа. Не постои воено решение за овој конфликт и НАТО целосно ги поддржува напорите на Обединетите Нации“, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

„Активностите на сојузниците беа соодветни за Сирија и беа ограничени на инфраструктурата на хемиското оружје. Беше потребна и затоа сега имаме време за дипломатија. Русија мора да ги запре блокадите“, вели Манфред Вебер.

„Меѓународната заедница и ЕУ теба да ја продолжат соработката. Да се движиме по дипломатските канали со поголема енергија и решителност. Пративме сигнал дека употребата на хемиско оружје е неприфатлива“, изјави Сајед Камал.

Официјална Москва е револтирана од нетрпеливоста на западната мини-коалиција кон истрагата во Дума на Организацијата за забрана на хемиско оружје.

„Западните земји не сакаат истрага. Си донесоа одлука. Или можеби се плашат дека експертите ќе им ја демантираат верзијата којашто ја користеа како аргумент за почнување на воена интервенција“, изјави Александар Шуљгин, руски претставник во ОПЦВ.

Против војната во Сирија, демонстрираа и грчките студенти. Во центарот на Атина беше урната статуата на американскиот претседател Хари Труман. Во судирот со полицијата има и повредени и притворени. САД најавија нови санкции против Русија, а Москва – реципрочни мерки.

Маја Филдишев