Ерменија

Дестици приведени при протести во Ереван

17.04.2018 13:17

Демонстрации во ерменскиот главен град против поранешниот претседател Саркасјан. Тогашната промена на политичкиот систем не овозможи демократски избор на шефот на државата...

30-ина демонстранти биле приведени во ерменскиот главен град Ереван, за време на протестите против поранешниот претседател Серж Саркасјан.

Лидерот на опозициската партија Граѓански договор, Никол Пашинјан соопшти дека апсењето ништо не менува и дека граѓаните ќе продолжат да протестираат и да ги блокираат улиците.

Претходно, портпаролот на ерменската полиција Асхот Ахаронјан изјави дека неколку демонстранти се одведени во полициска станица под сомнеж за извршување административни прекршоци.

Ерменската опозиција го обвинува поранешниот претседател Саркасјан дека го сменил политичкиот систем на државата за да остане на власт, истакнувајќи дека го сменил Уставот во 2015 година. Со измените, премиерот ја презема извршната власт наместо претседателот.

Саркасјан беше на власт 10 години, а владејачката Републиканска партија во саботата го номинираше за премиер, откако по истекот на неговиот претседателски мандат за шеф на државата е избран сојузникот на Саркасјан, Армен Саркисијан.

Се очекува ерменскиот Парламент да гласа за избор на Саркасјан за нов премиер. Други кандидати нема, а за да биде избран е потребно  просто мнозинство.

 

Марина Ристова