Пуштена една од снимките за „Траекторија“, судењето продолжува на 23-ти мај

17.04.2018 16:01

На рочиштето за предметот на СЈО „Траекторија“ попладнево почна слушањето на аудио разговори кои се доказ во постапката.

Специјалното јавно обвинителство побара 14 снимки од прислушуваните разговори во случајот „Траекторија“ да се издвојат од доказите затоа што имале приватен контекст. Остануваат уште 300 снимки кои ќе се емитуваат на наредните рочишта.

Денеска во судница се емитуваше еден разговор во кој е вклучен поранешниот министер Миле Јанакиески. Одбраната се противеше на јавното објавување на разговорите и побара да се исклучи јавноста, но Судечкиот совет не дозволи.

Во случајот поврзан со изградбата на автопатиштата, одбраната на обвинетите побара изземање на Судечкиот совет и на претседателите на Кривичниот и на Апелацискиот суд, но и овие барања беа одбиени.

Во „Траекторија“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс-министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски.

Судењето продолжува на 23-ти мај.