Евроинтеграции

Македонија доби препорака за преговори со Унијата

17.04.2018 16:47

Европската комисија препорача отпочнување преговори со Македонија за членство во Унијата. Брисел соопшти- направена е длабинска анализа, вреднувани се реформските напори. Сугерира тие да продолжат. Могерини со порака- иднината на Западен Балкан е во Европската унија. Објавени се извештаите за напредокот.

Македонија доби препорака за преговори за членство со Европската унија. Европската комисија регистрирала напредок во Македонија и препорачува задржување и продлабочување на реформите што ќе бидат решавачки за идниот прогрес на земјата. За поддршка на реформите во Македонија, Европската комисија ќе примени зајакнат пристап за преговарачките поглавја што се однесуваат на судството, фундаменталните права и правдата, слободите и безбедноста на земјата.

„Западниот Балкан е дел од Европа и ќе биде дел од силна и обединета Европска унија. Во моментов регистрираме позитивни промени на патот кон ЕУ. Ја засиливме нашата лидерска врска со регионот. Последнава година партнерите од регионот испорачаа многу важни реформи. Од шесте партнери од Западен Балкан, денеска советот препорача отворање преговори со Македонија и Албанија“, изјави шефицата не европската дипломатија, Федерика Могерини.

Македонија е на добар пат кон ЕУ, но сѐ уште не е таму, изјави евкомесарот за проширување Хан при објавувањето на извештаите во Стразбур.

„Извештајот е критичен, но оптимистички, но треба да се нагласи дека нема кратки патишта до ЕУ како што кажавме и во Стратегијата, цел процес е врз основа на заслуги, секој кој ќе оствари ќе биде награден“, рече еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан.

Од Европската унија на дебатата во Стразбур се слушнаа различни мислења за проширувањето. Претседателот на ЕК, Јункер предупреди Западен Балкан мора да влезе во ЕУ за да не се повторат војните од ’90-ите, додека францускиот претседател Макрон смета дека Унијата мора да направи реформи пред да има проширување со нови земји- членки.

Од Брисел повторија дека клучно е продолжувањето на реформите и дека ЕУ ќе продолжи да им помага на земјите од Западниот Балкан да ги постигнат високите европски стандарди.

Веќе на самитот во Софија за еден месец, еврокомесарите најавија дека Унијата ќе финансира конкретни проекти за инфраструктурно поврзување и за економската и енергетска соработка на Западниот Балкан.

Ирина Гелевска