Извештај на ЕК

Аналитичари: Враќање на Македонија на мапата на Европа

17.04.2018 16:50

Враќање на Македонија на мапата на Европа, оценка на аналитичарите за Извештајот на Европската комисија. За посериозен напредок, Љупчо Ристовски сугерира формирање национална реформска комисија. Нано Ружин смета дека за реално кус период е завршена гоема задача и земјава има право оваа година да се надева на одредување датум за преговори...

Новата препорака за отпочување на преговорите значи дека Македонија се враќа на мапата на Европа како сериозен кандидат за членство во Унија- оценува аналитичарот Љупчо Ристовски. Според него, извештајот содржи внимателно одредени квалификации кои ја поздравуваат желбата на Владата во забрзување на евроинтеграцискиот процес и ѝ даваат ветер во грб за интензивирање на напорите, како на внатрешен и така и на надворешен план.

„Ситуацијата не е толку оптимистична и розова како што Владата сака да ја претстави. Искрено за мене, овој процес на најава дека реформите се движат не е доволно близок до вистината, затоа што ми се чини дека тоа е гребење по површината. Македонија сѐ уште не е зафатена длабоко со реформи“, вели Ристовски.

Ристовски вели дека за сериозен напредок потребна е национална реформска комисија. Не го дели оптимизмот на Владата дека оваа година ќе го добиеме посакауваниот датум за почеток на преговорите.

За разлика од него, поранешниот амбасадор, Нано Ружин смета дека Владата во реално краткиот период ја има завршено задачата и има право оваа година да очекува Европскиот совет со консензус да одреди датум за пристапните преговори.

„Следствено на тоа може Грција за прв пат да не нѐ блокира, како што тоа го правеше од 2009-та наваму и да се отпочне со преговори за членството на Република Македонија во ЕУ“, смета Ружин.

Според Ружин, ЕУ сака конечно да го затвори прашањето за државите од Западен Балкан и да ги подготви преку спроведување на реформи, следната декада да бидат полноправни членки.

 

Марина Стојанова- Тонева