Традиционален годишен концерт на Мандолинскиот оркестар на МКЦ

25.02.2014 12:30

Мандолинскиот оркестар во својата програма вклучува дела од сите правци и музички епохи од областа на класиката, обработки, стилизации и творби од народното творештво на Македонија...

Tрадиционалниот годишен концерт на Мандолинскиот оркестар на Младинскиот културен центар од Скопје ќе се одржи утре со почеток во 20:00 часот, на сцената на кино „Фросина“.

Во секторот за музичка програма на Младинскиот културен центар, значајно место зазема работата на Мандолинскиот оркестар. Формиран е во 1981 година во некогашниот Дом на младите “25 Мај”. Иако аматерски по својот состав, со членови вљубеници во музиката, ученици  од основните и од средните училишта и студенти  од различни факултети, овој ансамбл повеќе од три децении успешно ги надминува границите на музичкиот аматеризам.

Мандолинскиот оркестар во својата програма вклучува дела од сите правци и музички епохи од областа на  класиката, обработки, стилизации и творби од народното творештво на Македонија, како и најсовремени теми кои се музички тренд на младите. Пленува со изведба на дела од Моцарт, Вивалди, Бах, Верди, Росини, Корели, Хачатурјан, Штраус, Албињони, Глуг, Бритн, Дворжак, Шуберт, Мусоргски, Јомели, Елгар, Григ, Перголези, како и композиции на домашни автори, како Тошевски, Шуплевски, Бранџолица, Цанев, Стојков, Трајковски...

Бесплатен влез за сите оние што ќе сакаат да го проследат овој музички настан.

Моника Јовановска