Евроинтеграции

Чистата препорака- обврска да се продолжи со реформите

18.04.2018 12:04

Македонија ја заслужи безусловната препорака, но тоа е обврска да продолжат реформите. Има уште многу да се направи, Брисел го препозна напредокот. Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан лично му го предаде извештајот на премиерот Зоран Заев. Македонија е подготвена за нов чекор напред. Следна цел, одлуката на Советот на ЕУ во јуни за старт на преговорите, изјави шефот на Владата...

Со добри вибрации, среќен и порака за уживање во моментот. Еврокомесарот Јоханес Хан лично му го врачи извештајот за напредокот на земјава на премиерот Зоран Заев. Земјата помина долг пат за да ја надмине политичката криза, сега сте цврсто на европскиот пат. Има позитивни промени со реформите, но Ве чека уште работа, констатираше еврокомесарот.

Посочи дека треба да се работи на реформите на судството и на јавната администрација, легислативата да не остане само на хартија, туку да се спроведе. Сега, рече Хан, потребна ви е решеност со која може да станете модел во регионот.

Подготвени сме за нов чекор напред, уверува премиерот Заев. Препораката е силен мотив, но тешка цел. Низ конструктивни политики на Владата, но и со вклученост на опозицијата, донесовме важни закони. Заедно ќе работиме и на стратегиските национални интереси, како што е консензус за името, посочи премиерот.

Најави дека до крајот на годинава врз основа на извештајот, ќе се утврди план за реформската динамика која ќе биде имплементација на досега сработеното.

Еврокомесарот Хан со дипломатски одговор за разговорите со Грција за името. Потребен е компромис, секоја страна да се откаже од нешто, но и да се искористи моментумот за конечно да се надмине долгогодишниот проблем, порача Хан.

 

Миле Ристески