Вашингтон

Трамп: Почнавме директни преговори со Северна Кореја

18.04.2018 12:34

Директни преговори меѓу САД и Северна Кореја. Се бараат неколку различни локации за „тет-а-тет“ средбата меѓу Трамп и Јонг- Ун. Јужна Кореја бара мировен договор со северниот сосед...

Американскиот претседател Трамп изјави дека САД веќе почнале директни преговори со Северна Кореја на исклучително високо ниво. Повтори дека се бараат пет различни локации за „тет-а-тет“ разговорите меѓу него и севернокорејскиот лидер Ким Јонг- Ун, кои би требало да се одржат во почетокот на јули. Американскиот претседател откри дека ниту едно од потенцијалните места не е во САД.

И ние почнавме директни разговори со Северна Кореја. Разговорите беа на многу високо ниво. Верувам дека постои добра волја, се случуваат добри работи, па ќе видиме што ќе се случи. Проблемот со Северна Кореја требаше одамна да се реши. Со нетрпение ја очекувам средбата со Ким Јонг- Ун“, изајви претседателот Трамп.

Според „Вашингтон Пост“, Мајк Помпео, номинираниот државен секретар на САД, се сретнал со лидерот Ким Јонг- Ун за време на тајна посета на Северна Кореја. Целта на средбата била да се постават основи за директни преговори меѓу Трамп и Јонг- Ун за спорната нуклеарна програма.

Официјален Сеул бара мировен договор наместо примирје, со кое се стави крај на корејската војна во 1953 година. Потпишувањето на договорот би можело да се случи на средбата на 27-ми април.

Се шпекулира и за спогодба на Јужна Кореја и САД со Пјонгјанг, под услов Северна Кореја во целост се откаже од нуклеарната програма.

 

Марина Ристова