Преговорите ќе траат долго, кандидатите ќе се оценуваат по сопствените заслуги
Нема рок за завршување на преговорите, кои ќе траат долго. Земјите ќе бидат оценувани според постигнувањата, соопшти првиот човек на Европската комисија, Јункер. Потребен е напредок. Претседателот на Европскиот совет, Туск порачува, Унијата ќе продолжи да биде најважен партнер за земјите од Западен Балкан...

Ден по објавувањето на извештаиите за напредокот на државите кандидатки, претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер ја појаснува ситуацијата. Во Европскиот парламент истакна дека препораката на Комисијата за почнување на пристапните преговори на Македонија и Албанија, не значи дека преговорите ќе почнат уште утре- ќе се чека на одлуката на Европскиот Совет.
„Неопходно е одобрение од Европскиот совет, односно во наредните шест месеци ќе го знаеме ставот на Европската унија. Сите земји кандидати ќе се оценуваат по сопствните заслуги, во текот на следните месеци“, нагласи Јункер.
Јункер не сакаше да прејудицира ниту со датумот до полноправно членство, потенцирајќи дека тоа е долг процес. Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск упати јасна порака до земјите од Западен Блакан, иднината на регионот е во ЕУ.
„Европската унија како најголем инвеститор и најголем пазар ветува најдобра иднина на нивните граѓани. На Самиотот ќе ја потврдиме европската перспектива и ќе ги зајакнеме врските со регионот“, рече Туск.
На 17-ти мај во Софија ќе се одржи Самитот на ЕУ на кој Западен Балкан ќе биде во фокусот на европските лидери.
Марина Стојанова- Тонева
