Тим за безбедност на ОН во Дума
Тим за безбедност од Обединетите нации пристигна во Дума. Се очекува анализата на инспекторите од Организацијата за забрана на хемиско оружје. Не стивнува вербалната војна меѓу истокот и западот. Вашингтон најави нови санкции, Москва – реципрочни мерки.

По инспекторите од Организацијата за забрана на хемиско оружје, во Сирија и тим за безбедност на Обединетите нации. Доколку утврди дека состојбата е безбедна, инспекторите од ОПЦВ ќе ги испитуваат доказите за наводниот хемиски напад на 7-ми април, кој според западните земји, го извршила сириската влада. Мини- коалицијата од САД, Франција и Британија ги употреби овие тврдења како аргумент за ракетни напади врз, како што велат, погони за производство на хемиско оружје. Сирија и Русија ги негираат обвинувањата. Дума беше последното упориште на сириските бунтовници во Источна Гута, кои се предадоа ден по хемискиот напад.
„Речиси целосно ја губиме довербата во нашите пријатели од Западот кои претпочитаат да работат врз основа на многу чудна логика. Доказот е во казната. И за Скрипаљ инсистираа на казна пред да се заврши истрагата на Скотланд јард, а и во Дума не почекаа на резултатот од инспекцијата на ОПЦВ“, изјави шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров.
Американската амбасадорка во Обединетите Нации најави нови санкции против официјална Москва, конкретно на комапнии поврзани со сириската програма за хемиско оружје.
„Санкциите се многу важни алатки кои ги користиме за целиот свет. Русија е една од областите. Санкциите не се дел од нашата надворшена политика. За Русија имавме серии санкции против олигарсите, политичарите, и дадоа резултат“, вели Стивен Манушин, секретар за финансии на САД.
Според извори од Белата куќа, новиот советник за национална безбедност Џон Болтон и номинираниот државен секретар Мајк Помпео бараат формирање коалиција на арапски воени сили кои ќе ги заменат американските трупи во Сирија кои ќе го стабилизираат регионот по поразот на ИД.
Маја Филдишев
