Јовановска: Нема смртност на доносени деца, туку на предвремено родени
На гинекологија нема смртност на доносени деца, туку на предвремено родени – уверува директорката на клиниката. На брифинг со новинарите, Јовановска посочи дека е потребно еднаш засекогаш да се разбие стравот кај младите мајки. Лекарите тврдат оти инфекциите се најчести причини за предвремено породување. Се изготвува клиничко упатство за рано откривање на ризична бременост...

Клиниката за гинекологија ќе побара смртноста на предвреме родените бебиња при евиденцијата да се заведува од 25-та гестациска недела, по примерот на дел од соседните земји. Оттаму објаснуваат дека е потребно да се разбие стравот кај младите мајки дека на оваа клиника умираат бебиња.
Директорката Јовановска вели- не станува збор за доносени, туку за предвреме родени бебиња во петиот месец од бременоста, за кои како што наведе, постои етичка дилема дали воопшто да се анимираат, бидејќи нивните органи се неразвиени и немаат одбрана од инфекции. Во првите три месеци од годинава битката за живот на оваа клиника ја загубија 35 предвреме родени бебиња.
„80 проценти од овие 35 деца се екстремно незрели. И во светски рамки е многу мало преживувањето. Квалитетот на живот на овие деца е многу мал и затоа се поставува етичка дилема низ цел свет дали би требало овие деца од 22 до 25 гестациска недела да бидат третирани“, изјави д-р Викторија Јовановска, директор на Клиниката за гинекологија и акушерство.
Според статистиката годишно на Гинекологија има околу пет илјади породувања, 800 се предвреме. Во ова родилиште доѓаат мајки со компликации од внатрешноста на земјава, но и од приватните болници.
Гинекологија набави лек со кој се одложува предвременото породување, со што се зголемуваат шансите за преживување на бебињата. Ќе се зголеми и медицинскиот персонал, ќе се вработат 20 медицински сестри, пет педијатри и пет анестезиолози.
Андријана Атанасовска
