Македонија ќе добие најсовремен и автоматизиран противградобиен систем
Македонија годишно исплаќа пет милиони евра за штети во земјоделството. Радарскиот систем за предупредување во Ѓуриште четири години не е функција. Надлежните најавуваат негова надградба...

Со грузиска техничка помош земјава ќе добие најсовремен и автоматизиран противградобиен систем, најави ресорниот министер Николовски. Анализите на експертската група и посетите на земји кои што користат вакви решенија покажале дека трошокот за оваа инвестиција нема да го надмине 10 милиони евра, односно износ што им се исплаќа на земјоделците за штетите од невреме во само две години.
„Македонија ја посетија претставници на Владата на Грузија каде што се применува овој систем. Се запознавме непосредно, на терен, како тоа функционира со автоматско испукување на ракети. Во тој правец се водат соодветни разговори и јас сметам дека тоа е алка која што во претходниот период е напуштена и сега се прават потребните анализи и истражувања. Мислам дека деловите од Преспа и Ресен, во Тиквешијата, па и во Струмичко ќе можеме на некој начин да ги заштитиме, за што влеговме во соодветна програма, односно во разговори“, изјави министерот за земјоделство, Љупчо Николовски.
Годинава Управата за хидрометеоролошки работи ќе инвестира околу 9 милиони денари во модернизирање на три постојни и изградба на нови агрометеоролошки станици, како и ставање во целосна функција на радарскиот систем во Ѓуриште.
„Ѓуриште не е во функција веќе четири години. Со одлука на Владата обезбедени се средства во износ од три милиони денари за поправка. Во преговори сме, се работи за нивен софтвер, кој е инсталиран во 2005-та и треба да го поправат. Ветија дека че направат и надградба на целиот систем со што ќе имаме многу подобро следење на облачните маси кои носат градоносни облаци“, изјави Ивица Тодоровски, директор на Управата за хидрометеоролошки работи.
Во УХМР веќе е инсталиран новиот модел за прогноза на времето, а деновиве ќе профункционира новата оптичка мрежа, што ќе овозможи побрза размена на податоци и давање точни и навремени информации на сите, а особено на земјоделците за да можат да преземаат соодветни агротехнички мерки. Со помош на УНДП се работи на проект за реставрација на сливот на реката Струмица, како и на ситем за рано предупредување од поплави во сливот на реката Црн Дрим, најави Тодоровски.
Свето Николовски
