Поранешен брокер со тужба до продуцентите на филмот „Волкот од Вол Стрит“
Поранешниот њујоршки брокер Ендрју Грин ги тужи продуцентите на филмот „Волкот од Вол Стрит“ и бара отштета од 25 милиони долари за тешка повреда на неговиот лик, затоа што е прикажан како „изопачен и дрогиран криминалец“.

Тој во тужбата тврди дека е еден од ликовите во филмот и дека филмскиот лик на Ники „Рагрет“ Коскоф е правен според него. Грин работел во брокерската фирма „Стратон Оукмонт“ што ја имал создадено Џордан Белфорт, кого во филмот го игра Леонардо ди Каприо.
Продуцентите, што ги предводи холивидската компанија „Парамаунт“ одбија да ги коментираат тужбата, како и обвинувањата на Грин.
Овој брокер, кој во фирмата работел во периодот меѓу 1993 и 1996 година, обвинува дека неговото име било искористено во мемоарите на Белфорт, по кои е правено сценариото и е снимен филмот.
Грин ги обвинува авторите на филмот, вклучувајќи го и режисерот Мартин Скорсезе дека му го смениле прекарот во „Рагрет“ од „Вигвам“ како што било неговото вистинско, но најмногу е гневен што „трајно е оштетен“ од начинот на кој е прикажан тој и целата фирма.
„Филмот ме прикажува како криминалец, наркоман, дегенерик и човек лишен од секаква моралност и етика“, изјавил во тужбата Ендрју Грин, инсистирајќи дека сцената во која тој се дрогира во канцеларија е наполно неточна.
Филмот „Волкот од Вол Стрит“ е еден од фаворитите за годинешниов Оскар, номиниран за пет награди, меѓу кои за најдобар филм и за најдобра машка улога за Ди Каприо.
Моника Јовановска
