Мигел Дијаз- Кањел, единствен кандидат за претседател на Куба
По 60 години, семејството Кастро си заминува од кубанската политичка сцена. По Фидел и Раул, власта со партијата ја презема некогашниот лидер на кубанската младина Мигел Дијаз- Кањел. Го очекуваат серија предизвици, дел економски, дел билатерални, особено со САД...

Кубанската влада го предложи 57-годишниот Мигел Дијаз- Кањел за единствен кандидат за нов претседател на Куба. Дијаз- Кањел, кој е актуелен прв потпретседател на Куба, на претседателската функција ќе треба го наследи Раул Кастро.
За нов кубански прв потпретседател, Владата го номинираше 72-годишниот поранешен синдикален активист Салвадор Валдес Меса.
Дијаз- Кањел ѝ припаѓа на младата генерација на кубански лидери и важи за човек кој се залага за модернизација на земјата. По вокација инженер по електроника, доколку биде избран, тој ќе биде првиот претседател на Куба роден по Кубанската револуција.
Аналитичарите не очекуваат големи политички промени од него имајќи пред вид дека е долгогодишен функционер на владејачката Комунистичка партија на Куба.
Актуелниот кубански претседател, 86-годишниот Раул Кастро, нема целосно да се повлече од политиката, бидејќи ќе остане лидер на владејачката Комунистичка партија до 2021 година, па се очекува тој и натаму да има влијание при носењето одлуки во државата.
Марина Ристова
