Земјоделство

Николовски: Меморандумот со Србија ќе се потпише до 30-ти јуни

19.04.2018 12:44

Меморандумот за меѓудржавна соработка меѓу Македонија и Србија ќе биде потпишан до 30-ти јуни, најави министерот за земјоделство Николовски. Со ова ќе се реши прашањето на регуларниот увоз на српско брашно. Министерството од ЕУ доби возила и компјутери во вредност од 1,4 милиони евра.

Сите активности што се преземаат во ресорот за земјоделство се насочени кон олеснување на административните процедури и забрзување на извозот на земјоделски производи и храна кон Србија, елинимирање на непотребното чекање на граница и намалување на трошоците за потребните анализи, преку меѓусебно признавање на сертификатите меѓу Македонија и северниот сосед. Министерот Николовски најави дека меѓудржавниот меморандум ќе биде потпишан до 30-ти јуни, со што ќе се отвори и прашањето за потребата од укинување на маркичките за брашно.

Административниот капацитет на Платежната агенција е зајакнат деновиве, рече Николовски, а охрабрува и податокот дека на првиот оглас од ИПАРД 2 се поднесени над 1.600 барања. Фокусот ќе биде на фитосанитарната политика, а се работи и на носење нова законска регулатива и подзаконски акти во оваа област, како и капацитетите на министерството ќе бидат максимално насочени кон подобро искористување на ЕУ фондовите, нагласи Николовски.

Во функција на подобрување на капацитетите на ресорот за земјоделство и рурален развој, Делегацијата на ЕУ во земјава донираше 300 компјутери и 18 возила вредни 1,4 милиони евра.

Според Бертолини од деветте сектори кои се поддржуваат земјоделскиот е еден од најважните за економскиот напредок, а индиректно ќе се помогне во подобро искористување на ИПАРД средствата.

Со донацијата на возила Платежната агенција го зајакнува техничкиот капаците за подобро спроведување на контролата на теренот, вели директорот Бабовски, а со 300 најсовремени комјутери кои работат во виртуелна база, министерството за земјоделство ќе ги забрза административните процедури и управувањето со документи.

 

Свето Николовски