Куба

По 60 години, власта во Куба ја презема некогашниот лидер на младината Мигел Дијаз- Кањел

19.04.2018 13:30

По 60 години, семејството Кастро си заминува од кубанската политичка сцена. По Фидел и Раул, власта со партијата ја презема некогашниот лидер на кубанската младина Мигел Дијаз- Кањел. Го очекуваат серија предизвици, дел економски, дел билатерални, особено со САД...

Кубанската влада го предложи 57-годишниот Мигел Дијаз-Кањел за единствен кандидат за нов претседател на Куба. Дијаз- Кањел, кој е актуелен прв потпретседател на Куба, на претседателската функција ќе треба го наследи Раул Кастро. За нов кубански прв потпретседател, владата го номинираше 72-годишниот поранешен синдикален активист Салвадор Валдес Меса.

Дијаз- Кањел ѝ припаѓа на младата генерација на кубански лидери и важи за човек кој се залага за модернизација на земјата. 

„Јас сум како и многу други во оваа земја. Ние сме дел од генерацијата родена во шеесеттите. Ги цениме обуките и можностите што ни ги пружи кубанската револуција“, изјави Дијаз- Кањел.

По вокација инженер по електроника, доколку биде избран, тој ќе биде првиот претседател на Куба роден по Кубанската револуција.

„Тој ги има сите квалитети за да нѐ претставува како претседател и нашите социјални и политички интереси“, изјави Бланка Рита Абру Тера, поранешна сосетка на Дијаз- Кањел.

Аналитичарите не очекуваат големи политички промени од него имајќи пред вид дека е долгогодишен функционер на владејачката Комунистичка партија на Куба.

Актуелниот кубански претседател, 86-годишниот Раул Кастро, нема целосно да се повлече од политиката, бидејќи ќе остане лидер на владејачката Комунистичка партија до 2021 година, па се очекува тој и натаму да има влијание при носењето одлуки во државата.

 

Марина Ристова