Генерално собрание на шефовите на полициите од ЈИЕ

Спасовски: Подготвени сме, иако нема најави за нов мигрантски бран

19.04.2018 14:43

Унапредување на полициската соработка на земјите во регионот, борба против прекуграничниот организиран криминал, со регионална соработка, но и со поддршка на полициите на земјите членки на унијата, како што е Австрија и на Европол. Мигрантските центри во земјава се подготвени, вели министерот Спасовски...

Регионалната соработка, добрососедските односи и градењето на доверба помеѓу нас, се клучни елементи за стабилноста на Балканот. Ова пред шефовите на полициите од регионот во Охрид го рече министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Тој посочи дека покрај организираниот криминал, тероризмот и екстремизмот, кои се глобални предизвици, поради моменталната состојба на Блискиот Исток, иако нема најави, можно е повторно да биде актуелизирана Балканската мигрантска рута.

„Ние сме подготвени, како и да е мора да бидеме подготвени заради тоа што таа мигрантска криза може да добие на интензитет во секој еден момент. Нашите два прифатни центри, во Гевгелија и на Табановце се подготвени. Знаете дека јужната граница ја чуваме заеднички со полициски службеници од повеќе држави од регионот, од Европа. Веќе сме во завршна фаза на склучување на договор со Фронтекс, кои што исто така ќе помогнат во заштитата на нашата јужна граница“, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Од 2015-та до 2017-та во Македонија се идентификувани 46 организирани криминални групи, кои делуваат на национално и на меѓународно ниво со дрога, кријумчарење на мигранти или друг вид организиран криминал. Општествениот развој и технолошкиот напредок на криминалците им овозможуваат подобро да се организираат, комуницираат и соработуваат.

„Нашата цел е оваа асоцијација да заживее уште повеќе, да воспоставиме еден нов начин на меѓусебна комуникација, еден нов начин на соработка помеѓу директорите се со цел да бидеме оперативни, да имаме можност да разменуваме брзи информации, а со тоа да интервенираме правовремено“, смета Лазо Велковски, директор на Бирото за јавна безбедност.

Поблиската комуникација помеѓу полициите од регионот ќе овозможи и постигнување на повисоки стандарди во полициското работење, што од друга страна на граѓаните ќе им овозможи многу побезбеден живот.

 

Сашо Нелоски